нашата љубов е уморна од убавина како студенти по 24 часа интензивна поезија
1:44 PM

„Ти си premium јаболче“, ми рече,
а јас те погледнав со поглед што пече
„Само еднаш каснато,
во Рајската градина израснато“.

„И таа бемка“, покажа ти,  „не е бемка ами семка
од која ќе израсне не дебела, туку тенка згодна сенка
под која сладок сон ќе фатам јас“.
Не ти е срам да кажуваш такви работи на глас?
ти се чудев и чудев
(јас)

„Не, не грешев. Толку се трудев
да најдам пат до твоето тело,
а таа бемка бил тој тунел
ова време цело.“

„Како капка стопено чоколадо“, продолжи,
„да не те правеле по калап, кажи ми?“

Кој да ти знаел дека на крајот
од таа лекција
за кавалерската поезија
ќе научам дека танцувањето по меки душеци
е како летање со задржан здив
за да се замрзне тој миг,
како насмевка со задршка,
извлекување од облека
со последното копче на пауза,
тивко пропаѓање во длабокиот бунар на вселената,
тонење на суво
во доба глуво

или беше до валканите листови тетратка
меѓу две дланки свежо исечени нокти
кои како ноти на гласните жици ми прават сопки

Ајде, кажи ми ја вистината
пред да и` зајде месечината 
на уште една лекција
за Carpe Diem поезијата.

 


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“