Чествување на небројната годишнина од смртта на мајсторот по кулинарство, Сергеј Прокопиев со осврт кон интернет статистиките врзани за неговиот лик и дело
2:13 PM
0 comments

Тие негови два обида во предвидување на својата смрт  сè уште нè искушуваат, две неодговорени прашања - дали ја напиша својата “Final Story” кога “he ate so many books that finally storyfull he could peacefully have the covers closed on him” или тој Fatal Day  како совршен крај, “like a bullet shot went straight through his heart.”


Во далечната, но краткогледа 2010-та нечујно згасна ФБ профилот на милувачот на гурманските непца, Сергеј Судбоносец Прокопиев. Зад себе остави неколку оскудни белешки на вкусни кускус раскази и кратка листа на омилени нешта.

Крајот на неговото интернет постоење беше испратено со 10.567 лајкови на неговата последна статус изјава: „Целиот живот целам кон совршената печатна грешка“ поставена на 02/02/1972 во 12:36 навечер. По официјалното постирање на неговиот некролог на сајтот „Лесна му конекција“, неговиот претсмртен статус достигна дотогаш невидена бројка кликови така што Твитер беше приморан на одредено време да го даде на заем синиот кит на техничкиот ФБ персонал. По неколкудневниот куршлус Фејсбук се врати на мониторите ширум светот подновен со 466.820 фан страници на Прокопиев. Беа аплоудирани слики, дело на современици на Прокопиев и негови пријатели спиритуалисти кои успеале да го фотографираат неговиот лик во кристална топка. Токму тие слики беа причина за отпочнување жестока дебата дали тоа навистина беше доказ дека непреболениот уметник на слатките залаци бил блескава снегулка облечена во човечко тело или „фотографите“ посетувале вечерно училиште по фотографија. Точната бројка на сликите кои можат да се најдат на 466.820-те фан страници е невозможна да се запише освен ако не сакаме да го направиме текстов user-unfriendly и да го искушиме трпението на читателскиот блог апетит. Голем дел се должи на фактот што половината од популацијата во Сончевиот систем тагирала сопствени слики со ценетото и пречесто облајкуваното име на Сергеј Судбоносец Прокопиев.

Сепак, проучувачите на делото на скромната Прокопиева креативност се среќни што денес можат со сигурност да тврдат за огромниот печат што тој го оставил во електронските анали. Иако можеби преумерен во апдејтувањето на своите белешки на профилот, благодарејќи на богатството од линкови, современо наречени референци, можеме да заклучиме дека оваа уметничка душа била до врв исполнета правливи страници од дебели томови на митови, легенди и бабини деветини. Ниеден експерт по прокопиологија не се ни осмелува да постне своја анализа на блогот wyrd.prokop_na_sudbinata.expert без да ја спомене Сергеевата пишуванка која зборува за астролошкото верување на Келтите со зборовите на мртвиот е-јазик:

Trees Have Needles

She broke a branch. She broke another branch. Then another. And another. She looked at her hands. She raised them needling the wind above. All she ever wanted was to be a tree.

Сергеј, дрвото со гранки кои плетат во воздухот. Сергеј, судбоносецот на писма за градот на предадените сонови. Сергеј, прокопсаниот покрај патот кон вампировите лозја. Сакаше да цитира стихови од Дали, да држи такт на танцовите изведби на Ниче, да сонува крај грамофонските плочи од Т.С.Елиот, да пие чај од Ц.С.Луис.

Обичен човек, кој никогаш не го прежали ненаоѓањето на мајстор за поправка на трите скршени светилки.


Ѕвездана Љубовпад, од Куќата на трите скршени светилки под раководство на Надењка Ш.Зузакова
лето блогово 25100100


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


Писмо од градот на предадените сонови (Време на кратки минути)
8:40 AM
0 comments

Најмили Надењка и Петар,


Патувањето со воз беше мачно провлекување на грутка крв низ стеснети вени на уморен од животот старец. Од купето излегов мирисајќи на најмалку три различни приказни натопени во силен чај, разводнет барут и непоколеблив нараторски глас.


Ме дочека небо како ламаринен покрив на скромно уредена куќичка која во себе ги содржи сите необјаснети случки, неочекувани совпаѓања, взаемно несложливи нешта прегрнати во интимни шепотења.


Сè останува во овој град. Ништо никогаш не го напушта. Сите отфрлени нешта, неприфатени, безимени, штури, нецелосни, половични, празни, преполни, се плеткаат со атомите на градското бучно издишување. Уморен е овој град. Поднаведнат се потпира со едната рака на брегот од реката, со другата си го задржува бубрегот да не му се измолкне.


Но, го има оној заеднички момент меѓу денот и ноќта, кога двајцата се среќаваат како љубовници тргнати од различни краишта кон точката на средба, и сенешто кое му припаѓа на градот ја искажува својата благодарност на припаѓање. Скелетот од потемнетото јаболко го бакнува асфалтот, својата смртна постела, и се стопува со него како бебе во мајчинска прегратка. Никаде не ќе се најде поголема еднаквост меѓу првиот и последниот бакнеж, истост на постоење кога штотуку се започнува и штотуку се завршува.


Меѓу бетонски горостаси, брези засенчени, се појавува по некое грмушка нараснато чудовиште. Неговиот правец на растење е секогаш во напад, се чини ќе скокне некому да му искорне прозорци со канџи-корени. Безглави богови стојат на скали мраморни. Градов, најдраги, мене ме плаши.


Во ноќта, во сонот, градот го сонив, тој живееше. Со боговите безпаметни што душите си ги растеа од вратот кон облаците кои како небесни траекти се товареа тежина. Градот е жив ѕвер кој се учи да каса со млечни запчиња. Градот е предавник на сонови. Градот е голема уста раскажувачка. Ги шепоти тајните на неродените бебиња во сонот на мајките кои им живеат во главчињата.


Наутро соновите ни ги простира на виножито-жица многубојна. Мојот сон беше закачен веднаш над мостот Камен. Тројца старци во палта кафени, јадеа сладолед од чинии истобојни, со лажици невидливи. Залаците им се топеа, од небото паѓаа, на мојата глава, глава сега слатка и леплива.


Од градов не се заминува. Патиштата кои водат отаде градов му се родени од утробата. Ќе одам како градско дете по неговите стапки, нема да избегам. Прозорецот крај моето седиште шета по предели, но јас знам дека не се движиме. Градот ме лаже. Пустина богата фатаморгани. Јас стојам, Надењка. Јас не се помрднувам, Петар. Го чекам денот да ми ја одземат главата, да застанам на скалата и да чекам со питачка шапка во мојата пребирлива рака.


Безумно ваша,
Јуручка Петрова


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“