мојата љубов е пожртвувана како кога јас вегетаријанка те носам тебе на вечера
4:18 PM

чекорите до тебе ми се бројат во ноќи далеку од твојот кревет
спакувани во мене како ладна вечера после девет
(се јадам ситно сецкана и потпечена
со заби или цивилизирано со нож и лажица)

меѓу-нас-прстниот простор во денови
фрлени како цигари до бледило испиени
(со колку инстант кафе вечно траење
и пијано ткаење и отпосле мамурно каење)

нашата љубов е мала пештера
лесно одминлива и дополу потопена
репродуктивна купола
на лилјаци
во разбудените месеци на јуни и јули

што би значело на еден лилјак да си му цвет?
на ќерка на екс-спелеолог хелактит
од кој го започнува својот лет?
четирите ѕидови со тебе се пет
на шестиот под лежи седмиот свет

припадност е разлика на боја
пример, јас сум црна, бела или моја
мирис е припадност по допир
пример, јас сум ти, глас или вапир
шепот е нешто од сенка
како онаа свената и тенка
на кошулата на Ленка

може се песни на лилјаци
што ми го осветлуваат патот
низ твоето маало
или готвеното говедско
од комшискиот двор
може ме фаќа маја
од приспивната за бубамара
меѓу становите отспротива
или ќерамидите на покривите
како склопени крилја
на птици меѓу липите
и заспаните прозорци
од нечија будна спална соба
што ме тера да се пофаќам со рака
како да сакам да проверам ил сфатам
дека се` уште сум твоја


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“