Писмо посветено на смртта на едно црвено-жолто-кафено-пегаво јаболко
3:44 PM
0 comments

Со солзи го почнувам писмово и во мојата тага го натопувам прекрасното перо кое ми го подари прекрасната Ања Медовна која во својата прекрасност може да се натпреварува и однесе сигурна победа над повремената проѕирност, памукова мекост и воздушесто разбранувана суптилност на погореспоменатото прекрасно перо, нејзин прекрасен подарок кон мене... незаслужниот ваш брат-другар... тука давам завет за неиспишување на нејзиното име во понатамошниот тек на ова писмо... линиите на тие букви кои го цртаат портретот на нејзината душа толку... Но! Надењка, драга Зузакова!


Повеќе не ве вознемирувам со слаткозвуковноста на нејзиното име. Мама кажува дека неколку пати сте повраќале при првото запознавање со дотичната прекрасна душа здомена во тело на медицинска сестра. Примете го моето најискрено несфаќање на вашата реакција и желбите што побрзо да ги прифатите нештата во светот онакви какви што се. Прекрасни, нежни и милозвучни... Но, пред се' прекрасно на прекрасен начин прекрасни.


Сепак, летам над вистинската причина за моево писмо како неодлучна птица над штотуку изграденото гнездо. Штотуку убив едно прекрасно сосема невино мало исполнето со доверба кон луѓе со моја конституција, убедувања и задоволителни погледи на свет црвено-жолто-кафено-пегаво јаболко! Страшно! На страшен начин неоправдливо! И целосно ужасно! На целосно ужасен начин речиси недоловливо!


Речиси, речиси... но, доволно за да го доловам тој трагичен чин во ова писмо. Моја Шеќернолимонова, вашето лице чија површина е најчесто мирно езеро набљудувано од полно месечево око, ќе се вознемири, разбранува, да ми простите на зборов, набрчка! на описот на овој целосно ужасен страшно страшен чин на мојата конечна морална пропаст!


Се чини беше само вчера како мојот глас ја проби браната на звучниот ѕид борејќи се за правата на немите со мазна и дебела кора, но сепак прекрасна страшно податлива на делувања по туѓа волја крв-црвена внатрешност цитрони. Како што се сеќавате предрага Шеќернолимонова, Сергеј Прокопиев изврши злосторнички чин врз еден од претставниците на штотуку, ако можам да си ја дадам таа целосно ужасна егоистичка дозвола, така прекрасно поетско опишаните цитрони. Чин на речиси недоловливо, ужасно до неоправдливост уништувачко самоволие!


А ете, за не помалку од 356 часа, 132 минути и 1,5 секунда јас го сторив истото незамисливо дело што сега на жалост и на сметка на мојата искреност кон вас на страшно драг начин почитувана сестро-другарке го признавам за сосем доловливо бидејќи засведочено од овие очи кои како кутивче парфем го наросуваат со солзи писмово и извршено од оваа рака која се сеќава на ножот кој го зададе болниот удар, дали за мене или за кутрата црвено-жолто-кафена-пегава жртва поболна не би можел да кажам со сигурност, експериментите за снимање на извиците на болка и радост, страдање и уживање кај растителниот свет се’ уште се извршуваат без видлив крај, средина и со заборавен почеток...


Тој блед сок, таа леплива откако ќе се подзасуши растителна крв... целосно предадената на најмал напад со остра површина кожичка... еднаква по можноста да се раскине незакрпливо при најмалото нанесување на сила на романтичарската душа на поет од 19-тиот век... Зар ќе можам да си простам сестро Надењка драга Зузакова? Не!


Ова писмо е обид да откинам дел од тој товар потежок од Сизиф, попредизвикувачки од Херкуловите предизвици; да го завиткам во парче хартија потврда и од платно зајакнато со влакна откинати од нашиот надалеку прочуен погрешно сметан за недофатлив Сибирски змеј; да го именувам со зборови прости, лесно пронајдливи во секој речник и уште полесно разбрани од секој човек со барем основно познавање на морфолошко-фонетско-семиотичките нерамни патишта на јазикот кои змијулесто со лисичева итрост се пробиваат и одминуваат грмушки наредени благи лесно проголтливи зборови-јаготки...


Го прочитав вашето интервју со прекрасните ужасно неоправдано обесправени господа вампири, драга Надењка. И сега сфаќам... сега прочитав и знам... И самиот се упатувам наскоро кон околијата Струмудолу, во селцето Вејка на ветрот. Пакувам парчиња облека, хартија, мастило и парчиња душа натопена во вина со мирис на јаболкова крв...


Ах, ете, ќе заборавев, Шеќернолимонова, Јуручка Петрова е во некој со некакво си име град... Беше нејасна во последната телеграма, на сметка на нејзината возбуденост и збунетост која одлично се читаше во беззборовни долги реченици. Но, наскоро ќе ви прати писмо по кое и на вас ништо нема да ви е појасно од мене,


длабоко до потресувачка длабочина виновниот
ваш под чудни околности станат брат-другар,
Петар Горбодков Грободкин


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


Ех, јас...
7:07 AM
0 comments

сум ти... недовршена како приспивна приказна
загубена... како на јазикот роденденски шлаг
во потрага... по златна паричка
чекајќи... празник, одмор, слободен стан


се буричкам... во водите покрај твоите уморни панталони
течам... со отпадот уздолж реката низ твојот роден град
голтам... ѕвездени неба, внимателно извезени
со опашка на некоја комета во пад


зарем... сум чиста додека се гледам во огледало,
како... сега да ме раѓале, па се мијам само во крвта
оти... никогаш со желба не ме гаѓале,
таму каде што е најниско
.... во палецот
                  од мојата нога


неволно
        дишејќи мирно
 победено


додека слушалка


                  с...
                       пуш
                             -там


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“