Сказни за деца храбри
2:47 PM
Мое бокалче чиста вода,
бардаче, стомничка полна
за уста да не остане пуста
како земја жегната на ожеднување.
Моја саксија земја пресна,
наѓубрена и растресена лесна
за сеење, жнеење, веење
вејки на ветрот
на полноќно бдеење.
Домашно оганче кошнато,
огрев околу кој се имаат мушнато
моите соништа на изѕемнување
(кршам прсти дека се)
сеништа на минување.
Во името на клишеата
оти кога љубам, љубам како зимата
се` под снегот молчи, трае, чмае, чека
се` бело, тивко, скриено, мирно
да не некој го познае, разоткрие, дознае
ко да е од злато, па да ќе го продаде
ко да е од бакар, па во ѕвоно да го излее
да разгласи, огласи, раскаже
дека еднаш некогаш в дамнина
едно моме залутало в маглина
ронки поезија по себе фрлајќи,
ама патот сакал да си игра криенки
во куќичката каде Баба Рога кикотејќи
со очи огнови подгрева котели
пуста љубов, страшно чудовиште
аждаја стара ждере се` без да одбере...
плука дедо во тенџере,
храбри деца се тресат под ќебенце
волкот ѕирка од пенџере
три сказни раскажи
три круга железни
да чуваат внучиња
од приказни страшни за љубовта.
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“