оти на овој ден си ми посветен
5:16 PM
да беше книга ќе те најдев
под ситен облак
под дебела врева
под Веселата мудрост на Ниче,
ти ќе беше мојата незапочната Одисеја
ќе ја поткреваше левата ногарка
на трпезариската маса
јас, почудена над книгата за готвење
зошто тестото за пица не сака да стаса?
со санка ќе ме пушташе
удолу речениците твои
чии краеви ќе се ежеа
како опаш на мачка
небото на деновите што ми го бои
на твојата прва глава
ќе бев на очилата рамка
во која очите се зарабуваат
во писателско-книжевна замка
дискусиите ќе ни беа сестрани и литературни,
кавгите добро аргументирани,
на домашните (оти неначитани) ќе им бевме чудни
ќе се среќававме на спојот
од 4-та и 5-та страница
како меѓу 4-ти и 5-ти кат,
11-то поглавје ќе беше
Старата железничка станица
нов параграф - ново скалило
или кон Зоолошката новоасфалтиран пат
секој ден ќе ни беше како прво читање
после кое со моливче
ќе те обележував со нова цена:
некојпат ќе чинеше
колку порано завршување на втора смена,
живците на татко ми менувајќи ги
жиците на 5-те прегорени фена,
крцкањето на штурците
додека мојата песна е на сцена
или колку еден лист хартија
кој спие, а нечија уста фаќа пена.
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“