како што песнава не содржи наслов
3:18 PM

моето тело го содржи мирисот на езерото
кое ти се чува меѓу прстите
тајно како прва причесна
меѓу тебе, виното и усните
како што мојата љубов
ги содржи сите други љубови
неодделиво како мастика во коса
од првата симпатија
како што мојот сон содржи мапа
на сите твои патишта

моето тело ти го задржува мирисот
на хоризонтот удавен западно од клепките
тешко како прва молитва
меѓу здивот, зборот и ѕидовите
како што мојата љубов
ги чува сите други љубови
упорно како прва настинка
од која боли уво, нос и грло
како што мојот сон ги чува
сите твои овци во трло

мирисот на тетратките
на твоите први домашни
ми ги пишува песните како совети
во случај на срце со фабричка маана
кое се јавува на секој час
како звук заглавен во брава
или каталози
на пристојни цени за купувачи
на парчиња небо задржани
меѓу две суви есенски гранки


мирис колку еден просечен кумулус на вага
што вирее на места со висок процент на влага
отмен колку на чајанка потпијанета дама
што пее оперски арии кои водат кон штама

мирис еластичен
            пластичен
            вечен
влечен за да биде слечен
во една точка на крајот.


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“