не знам ништо, ништото ме знае мене
2:49 PM
0 comments

на роденденот на татко ми
сонувам дека сум пеперутка
со сон да биде човек
кој сонува да лета

петата моја остава отпечаток на плешката твоја
заглавена меѓу прстените на Сатурн
за да ја имаш како сувенир
лесен како лист од суво злато

нешто мириса на лилјани во вода
нешто шушка потсмешливо во агол од соба
некаде зглобовите ни се бојат
во косите на Венера со искра и оган

дали сум лик во приказна
или сум приказна со твојот лик
две слончиња со жабјо гнездо во ушите
или жаби кои се слончиња во душите

јас сум мојот палец
но мојот палец не е јас
а ако мојот палец
му припаѓа на друг
кому му се обраќа мојот глас

само кога сонувам за тебе
во сонот за сонот
знам дека е сон
трепките ми се разделуваат на две раце
како азбука на книга за космички бон-тон
која не знам дали ме чита или ја читам
која ми бега на пешачки погон
која ми прета во раце како пеперутка в прогон
која одлетува како штом фатен
                                толку сфатен
                                едвај пратен
совршено отсвирен тон


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


кожата на меланхолијата е свежа и негувана како млад лист од коприва
2:18 PM
0 comments

две твои заплеткани влакна
ме поздравуваат на перница
како на книгата која веќе не ја читаш

превиткана страница

за појадок те мачкам со мед
и те попрскувам со цимет во какаото
и тогаш си ми горчлива во устата
оти две слатки работи
не одат заедно

по иселувањето
дворот ми го населија цвеќиња
од оние, твоите, омилените
кои треперат

под небодер височината на тополите

застанувам луѓе на патот
да им ја покажам мојата градина
(снимена со T-Mobile G2)
објаснувам како, откако си замина
јас венеам, а таа
    како да се радува

сега Валерија ми ја повива ноќта
во црвена моминска коса,
ја успива со тропалка од лисичинка

и од семе на булка наберена роса

наскоро ќе се откаже
на вратата ќе закачи венец
да ме држи од распаѓање
како прстените на Сатурн,
тој сув меланхоличен старец

сам себе и татко и бебе

невешто се покривам
со домашно ќебе кое гребе
тоа и неплатените сметки

се спомен од тебе
но, среќен заспивам
оти место овци
те сонувам како своето време
го мериш со новопојавените брчки
на младото теме


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“