Момчињата кои го носат твоето име
6:07 AM
Имаат сладок здив,
како да биле крштевани во мед.
И кисел јазик,
како капки лимон врз сол.
Носат тежок товар,
10 букви и гнев.
Не им олеснувам,
не ни морам.
во продавницата за чкорчиња
направени од сечени нокти
на вампири прекинати во својот апетит,
продавачот носи картичка со твоето име
на левата страна од срцето.
Му продавам погледи,
и го прашувам дали бил дома во 22:04.
Се крие зад тезгата, фрла со картички и налепници.
во автобусот чија последна станица
е местото каде се бесат
неотворените подароци за преродената година,
возачот се одзива на „шефе!“
или кога некој познаник ќе го извика твоето име.
Му врзувам ѕвончиња на воланот,
и му носам свежо засадени саксии со домати.
Бега на велосипедот, зад себе напуштајќи прашини.
во чекалната за жалби и неостварени соништа
каде децата седат парализирани од љубопитство
во скутот на мама и тато, баба и дедо...
детето со снежни топки во рацете го слуша твоето име
како се прелива во ушното полжавче - ветување.
Му варам топло чоколадо,
и го пречекувам дома по изодениот пат.
Ме нарекува Баба Рога и се обидува да ме стегне за врат.
I.
Денес астрономот кој го носи твоето име
на врвот од својот телескоп
откри комета-девица.
Јас барам име за моите телескопи
кои ќе ми ги крстат светлините во очите
во времето и просторот на нашите средби.
II.
Денес поет кој го испишува твоето име
по неговите 99 години
се појави со книга во рака.
Јас откривам исти наслови
за сите мои песни и тектонски потреси,
по патот што ти го бележиш со сопки и џамлии.
III.
Денес започнува вечноста,
јас исцртав план однапред за неа.
Се обложив со тие исти скинати копчиња
што ми ги остави,
дека додека го испишам твоето име
на 888 различни начини,
ти ќе ми се вратиш... по уште 999 патеки.
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“