Оди зароби ги сите погледи, ги сакам за роденден заврзани со машнички
6:06 AM

Шуштењето на ТВ кутијата како домашно огниште покрај кое се собираме ние двајца - фамилија од една стара бабовидна опсесија за местење на секоја падната книга според боја и нијанса, луд фетиш за лепење поштенски марки од левата страна на креветот, џемперовидно развлечена обврска која наскоро ќе биде избркана заради неплаќање данок на истрајност - ни го доближува времето на создавањето на светот. Чујното дишење на незнајната вселена каква што ја знаеме.

Се‘ уште со убедување дека ова е песна, ти пишувам на хартивчиња стуткани - преплатени сметки и чкртнати артикли на пазарни листи - седиме секој втор ден ил трет ден на терасата соочена со неменливиот поглед кон север, автобуси како огромни стоногалки со чевличиња украсени светулки брмчат под небо врз кое некој надреалистичен сликар или расположен поет-дадаист истурил чаша црвено вино, стискаме пауза на нашето постоење и загледани во мислите кои како мрзливи мачори се вртат околу фактите дека утре треба да се стане пред 8  и треба да се нахрани папагалот и треба да се провери сметката и треба да се предаде извештајот и треба да се доврши тој превод и треба да се одвезе стариот до Заводот и... замижуваме пред едно секојдневно чудо: жолтиот цвет на мама кој против сите претпоставки на причинско-последичната логика ги издржа нападите на тие врапци-гнездоберачи.. конечно процвета.


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“