Кога татко ми фрла оган и весници по мене
6:04 AM
Сонував за Втората светска војна
Често сонувам за Втората светска војна
Ти си секогаш германски генерал
со лузна која започнува од твоето лево око
и завршува во мало водоскоче над твојата усна.
Ти седам во скут, а ти ми ги броиш плетенките.
Часовникот отчукува температура на вдишување
и издишување и во секој мој сон стои покрај
сликата за која ти упорно тврдиш дека е
уметничко дело, но мене ме потсетува на
невнимателно изведен пин-ап.
Тажна е судбината на часовник која мора да
постои само во сон за Втората светска војна,
во соба со зеленикави тапети и кафен мебел.
Ти седам во скут и седиме покрај клавирот.
А јас не сум најсигурна дали си тоа ти, или јас,
или татко ми.
Некогаш се будам сред сонот и те откривам
со грб исцртан мапи на градови за кои
почнувам да се сомневам дека воопшто постојат.
Не секогаш би ти верувала. Се продавам за сјајот
во твоите очи додека лажеш.
Сфатив дека или премногу гледам филмови со
неприродни сцени на пукање со пиштоли или ова
е доказ дека го немам талентот да погодам мета
со куршум.
Станувам од креветот сеќавајќи какво ќе биде
чувството на 60 години и заминувам за бањата.
Тато ја отвора вратата и фрла запален весник во кадата.
Тогаш ми текнува дека животот е пречуден за смртта
и јас никогаш нема да се научам без фасцинација да гледам
во пепелта која догорува. Се преродувам во дете кое сака
да си игра со јаглен по белите плочки околу вц шолјата.
А баш денес ми се јави да ми кажеш како флертот со
девојки не ти оди кога ми пишуваш смс пораки.
Дали да ти нагазам по телефонскиот број како
во добро разоден чевел или да те оставам
вистински да размислиш?
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“