Писмо за непотребните
5:58 AM
Драга Пелагија Фјодоровна,
По петти пат семафорите ја пеат песната за малите жолти пајаци. Денес се обидував да му објаснам на Сергеј Прокопиев дека жолтите пајаци не се метафори за јајца на око. И не, јајцата на Салвадор Дали не се истркалале од врвот на куполите и не се имаат испржено на сонцево. Освен тоа, зима е. Зима е веќе шест години. Сонцето е мислена именка. Некогаш тој човек ми го вади мозокот на бабината плоча за сецкање домати и го крши со чекан и неумолива сила. И неопипливо за физички сетила задоволство.
Петар Горбодков се врати од куќата на душите. Сега има жолта линија на челото. Вели тоа му е отпусницата. Да му верувам. Мислам дека повторно е заљубен во душата на медицинската сестра. Сепак, таа има прекрасно упадлива бемка на левото рамо. И колку јас и мама да го убедуваме дека тоа е наследно и нивните деца ќе бидат непристојно упадливи и подпадливи на уроци, тој се има зашиено со рибарски конец за краевите на нејзината душа. Да, уште пред да прашаш во следното писмо, се обидов со градинарските ножици да им ги пресечам конците на двајцата (оти ја открив медицинската сестра како се пришива со својот слободен крај за душата на Петар!), но безуспешно. А зар требаше да те известувам за ова? Таа се вика Ања Медовна. Вкусно, зарем не? Денес повратив неколкупати по спомувањето на нејзиното име. Знаеш дека толку ужасно поднесувам слаткоречивости.
За времетраењето на Свинските вечери ги броев лузните на месечината. Станувам зависна и алергична на броења. Броеви. Три, два, шест, петстотини и седум. Дрога, хемија, сонување. Се разбира дека се‘ уште го наоѓам во ликот на црвената месечина. Прашуваш со такво непотребно трошење на зборови. Економичност, драга, веќе и ѕвездите се одгризуваат за краците, а ние немаме топлинки од нивната прав.
Вознемирено твоја,
Надењка Ш. Зузакова
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“