Писмо во, за и околу вц-шолјите
6:10 AM

тктртктрткткрткртк

- Ете Архангел Михаил пак типка по машината за чукање.
- Ц.
- Хм?
- Не е он. Св.Петар.
- Не, не. Духот на оној од соба 23.
- ?
- ?
- Да, бе. Лежеше тука го пуштија дома и за недела испушти душа. Сега се шета по ходнициве. Ја бара главната мед. сестра.
- Ааа, онаа со... - и во воздухот задржува две полни дланки.
- Да, да.
- Ја испуштил душата од неа или од болеста?
- Леле, немој вакви работи. Јас спијам во тој кревет. - младата мајка го црта портретот на своето дете со здивот од устата.

ткткртктк

- Синди го пишува романот, бе.
- Хехехе, не. Дневникот.
- Нас не‘ пишува?
- Ќе биде бестселер.
- Дај да го читнеме. Не можам да заспијам 3 дена по ред.
- Да ти го пуштам ЦД-то од Елвис...

Целата естетика на боење на различни правоагални делови од ѕидовите во сите нијанси на жолтата и портокаловата. Не, толку е реченицата. Тоа ми е темата на размислување.

Пелагија Фјодоровна. Драга. Драга Пелагија Фјодоровна.

Па, Фјодоровна дали ме четете?!

Ах, извинение. Но, разберете, звукот не престанува. тктртктрткткрткртк тктртктрткткрткртк
Па се двоуми над некој збор.. тк..трр.ткк.

Ми заковува игли во черепот.

Го почнувам писмото одново..............

кхм, драга Пелагија Фјодоровна,

Надвор е прекрасен синкаво-син ден. Кој еве го трошам на размислување за и околу, а и во вц-шолјите.

Знаете дека Сергеј Прокопиев го украде кујнскиот нож, зарем не? Да, да, оној со сцената на силувањето на Леда изрезбана на дрвената дршка. Неговото објаснување откако ме извести дека го продал на Пазарот за спомени и гребки кои можеби но најверојатно нема да ви донесат среќа но ќе ви го променат животот, е дека се обидува да развие необична фасцинација кон лебедите. Јас се сомневам дека тоа единствено ќе вроди со фасцинација кон девојките кои бидуваат силувани од лебеди... Ги добива најлудите идеи.

Најценета Пелагија, ве молам најсериозно да се зафатите околу следново. Имено, Сергеј како што најде за знак на добро кавалерство и домашно воспитување да ме извести, ги употребува моите слики од Дали за виткање тутун! Неговата намера е да докаже дека чадот кој излегува од така припремените и потоа запалени и испушени цигари ќе формира илустрации на чист надреализам со тоа заменувајќи ја в целост потребата да ги троши своите метални повеќеденарки на шарени апчиња и сушени печурки. Сонував како ми ги врзува рацете во плетенки околу својот скут. Мама ја имаше онаа смешна ноќница во која секогаш ме потсетува на Офелија и букет меланхолични полски цвеќиња...
...

Сега Пелагија, четете внимателно: одете до Пазарот за спомени и гребки кои можеби но најверојатно нема да ви донесат среќа но ќе ви го променат животот и откупете го кујнскиот нож со изрезбаното силување на Леда на дрвената дршка и одвоeте ги рацете на Сергеј од Салвадор! Веднаш!






П.С. Толку се вознемирив на последното пишување што вената на која ми беше прикачена инфузијата се свитка во чвор. Мораа да ја повикаат мед.сестра да ме убеди дека сите розови пеперутки го напуштиле воздухот во собата. Сепак гледам една која се крие во теглата со виолетовки која ми ја донесе Грободкин. Ќе морам да ја фатам меѓу кориците на „Анатомија на реалноста“. Простувајте, Пелагија. Следен пат ви ги пишувам сите подробности околу естетиката на престојот во Жолтата болница. Поздравете ми го Сергеј и погрижете се рипките на Ностоједов да се добро најадени. Наближуваат Свинските вечери, треба да се колат тие мали животинчиња.

Пеперутково-разбркано ваша,
Надењка Ш.Зузакова


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“