околу семафорите до твојата зграда
8:56 AM

го мерев патот до твојата зграда
можам да бидам лежечки полицаец
288 пати до твојата врата


ќе го забришам воздухот напластен
од првото стакло на приземниот кат
на дрвото зараснувајќи во носечки столб
му оставам кошница портокали
како признание за нашиот ненамирен долг


чорапите, твоја пустина каде виреат кактуси
кактусите, твоја природна ограда против светот
светот, моето парче пластелин изгубено во детство


обраснат како Робинзон Крусо чекајќи петок
за да се погледне во огледалото во тоалетот
кога исплашен ќе ме побараш на телефон
мислејќи ме за прва помош
за егзорцирање на твојот дом


стрпливо ќе ги изодам 288-те мои легнати тела
на патот кон тебе и ќе го вежбам фатот
потскокнувајќи по смрдливи плодови
давејќи ги за гранчето - вратот
неодобрени од природата која ги раѓа
по патот паѓам, седнувам, станувам, паѓам
(можеби и јас една неодобрена рана)


влегувам, најавена од исплазениот јазик
кој го вкусува мирисот
раскомотен во станот
во градациски екстази
загубени животи на 288 бубачки
го покриваат подот во замена за тепих


држејќи се за раце влегуваме во бањата
јас истурам средство во шолјата
и се чудам самата
ако сè е релативно
зошто со дезинфекција
се уништува филмот
на твоите одомаќинети демони
инсектоидни жители
мали ситнуричави
како паричка од 1 и пол дени
носители на неудобни инфекции
причини за мои домашни инспекции


апсолутноста на убиството ми објаснува
зошто кога одиме во биоскопот
ти вибрираш на секои 5 минути
а јас пресметувам во секунди
дали ќе ми стиснеш потколеница или колено
по што во кревет ќе се пресметаме
мирољубиво па воено
сè е појасно знаејќи
дека смртноста на твојот тепих се зголеми
за 288 нови крцкави трупови


да се научи да се сака кога не се сака
и да се љуби кога се љуби да се мрази
или да се мрази иако животот те мрзи
да се чувствува иако сум тапа
на шише вино пред со капка
да допре твоја чаша


поточе пробива пат покрај 288 легнати уморни јас
остаток од пороен дождец врз калдрмата од пред час
накиснувам до зеница со која го следам туѓиот глас
издишувањата на тепихот кому зад аголот му вадат душа со стап


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“