Часовите на мета-едноставноста
1:31 AM

си изградив самица од непресметливи строфи,
стихови нерамни како зиг-заг рабови на карпи


твојата глава го има точниот волумен за
оформување на збунети и исплашени мисли


да се покријат во скривницата изградена од ќебиња
на наострени перцепции за навиките на комшиката
од влезот бр. 6
- инаку секогаш во доволна залиха на наоружени намери
за добронамерни соседи


(ете ја, таа машина за типкање во ноќта
сто и едно по сто и едно љубовно писмо
под десет прсти со допир на десет илјади мажи
со боси нозе во педесетина и неколку гроздови
трпеливо чекајќи да бидат изгмечени
в вино в очи на пет девојки
некогаш на раце носејќи вода
од селски извори крај пресушени потоци)


за Боб Дилан и Том Вејтс и Дарко Рундек не би спиела
со музички линии кои започнуваат и завршуваат во
извртен круг околу твојата ушна школка


едноставноста е уморна од умисленост


препретенциозно е времево да се правиме на Езра Паунд


премодерно да се замислуваме ќелави библиотекари со валкана поезија
под моливите


преинтертекстуално за да напишеме дека ние сме оние,
зборовладетелите, а зборовите не се веќе престарени од умеење


преавторефернцијално за да ја ставиме сопствената слика на нашиот
надгробен споменик


претранссексуално за да кажеме со сигурност дали тоа беше нежност
или срам меѓу дланките и поплочувано од воздишките со упорност на малтер меѓу ќерамиди


ма, времево е црна дупка на нашето траење


да ги фрлиме часовниците и проголтаме стрелките


ако се загребеме... па, мислам тоа се викаше - фетиш на глад,не?


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“