Писмото
12:41 PM
Да се преправаме дека не е напишано. Дека ќе биде уништено со самото негово читање. Дека никогаш не ќе биде зачувано во кутија заедно со праменче детска коса, излупени напрстоци и парчиња леплив пластелин. Дека јазикот на мртвите е навистина оган. Дека ќе го отвориш на самиот премин преку реката на заборавот. Дека твоето тело во 42 парчиња ме чека на дното на 42 езера. Немо по слепите и глуви сокачиња.
Сонувам со отворени очи следејќи го отчукувањето на градското срце по таванот. Твоето внатрешно полжавче излегува од под мојата перница. Во твоите ушни школки Ѕвездана одгледува магични печурки. Твоето чеканче и наковална го коваат конецот на моите соништа. Си замислувам дека те сонувам тебе. Вистината е дека тоа е средовечна жена. Средовечна жена во виолетов фустан. Продавачка на празна хартија. Продавачка во железното меѓуножје на Ајфеловата кула. Ми вели да ја побарам за седум-осум месеци. За седум-осум месеци ќе имам што да ѝ кажам. Следната ноќ повторно ја сонувам. Продава празни стаклени кутивчиња. Ми вели да ја побарам за три месеци. Но, сè уште е истиот месец, велам. Да не сум пиела гроздов сок?, прашува. И ако не мислам да излегувам со празни раце поарно да не доаѓам.
Следната ноќ месечината се дави во вирче ненабљудувана од никого. Нејзината смрт осветлена од нашите три скршени светилки. Следната ноќ ја делат на парчиња галички кашкавал. Ја продаваат за очи од ут. Следната ноќ Ѕвездана ми нуди од новиот прав од сушени печурки. Следната ноќ не заспивам туку тонам. Очите ми се воденички камења. Сè потешко ги задржувам меѓу клепки. Следната ноќ паѓам. Следната ноќ паѓам. Следната ноќ паѓам. Следната ноќ паѓам.
Tweet
Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“