Писмо од градот на предадените сонови (Време на кратки минути)
8:40 AM

Најмили Надењка и Петар,


Патувањето со воз беше мачно провлекување на грутка крв низ стеснети вени на уморен од животот старец. Од купето излегов мирисајќи на најмалку три различни приказни натопени во силен чај, разводнет барут и непоколеблив нараторски глас.


Ме дочека небо како ламаринен покрив на скромно уредена куќичка која во себе ги содржи сите необјаснети случки, неочекувани совпаѓања, взаемно несложливи нешта прегрнати во интимни шепотења.


Сè останува во овој град. Ништо никогаш не го напушта. Сите отфрлени нешта, неприфатени, безимени, штури, нецелосни, половични, празни, преполни, се плеткаат со атомите на градското бучно издишување. Уморен е овој град. Поднаведнат се потпира со едната рака на брегот од реката, со другата си го задржува бубрегот да не му се измолкне.


Но, го има оној заеднички момент меѓу денот и ноќта, кога двајцата се среќаваат како љубовници тргнати од различни краишта кон точката на средба, и сенешто кое му припаѓа на градот ја искажува својата благодарност на припаѓање. Скелетот од потемнетото јаболко го бакнува асфалтот, својата смртна постела, и се стопува со него како бебе во мајчинска прегратка. Никаде не ќе се најде поголема еднаквост меѓу првиот и последниот бакнеж, истост на постоење кога штотуку се започнува и штотуку се завршува.


Меѓу бетонски горостаси, брези засенчени, се појавува по некое грмушка нараснато чудовиште. Неговиот правец на растење е секогаш во напад, се чини ќе скокне некому да му искорне прозорци со канџи-корени. Безглави богови стојат на скали мраморни. Градов, најдраги, мене ме плаши.


Во ноќта, во сонот, градот го сонив, тој живееше. Со боговите безпаметни што душите си ги растеа од вратот кон облаците кои како небесни траекти се товареа тежина. Градот е жив ѕвер кој се учи да каса со млечни запчиња. Градот е предавник на сонови. Градот е голема уста раскажувачка. Ги шепоти тајните на неродените бебиња во сонот на мајките кои им живеат во главчињата.


Наутро соновите ни ги простира на виножито-жица многубојна. Мојот сон беше закачен веднаш над мостот Камен. Тројца старци во палта кафени, јадеа сладолед од чинии истобојни, со лажици невидливи. Залаците им се топеа, од небото паѓаа, на мојата глава, глава сега слатка и леплива.


Од градов не се заминува. Патиштата кои водат отаде градов му се родени од утробата. Ќе одам како градско дете по неговите стапки, нема да избегам. Прозорецот крај моето седиште шета по предели, но јас знам дека не се движиме. Градот ме лаже. Пустина богата фатаморгани. Јас стојам, Надењка. Јас не се помрднувам, Петар. Го чекам денот да ми ја одземат главата, да застанам на скалата и да чекам со питачка шапка во мојата пребирлива рака.


Безумно ваша,
Јуручка Петрова


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“