мојата љубов е сончоглед со искривен врат кој не може да дочека насмевката да ти изгрее пак
1:47 PM
0 comments

грицкањето семки
нагризува усни
крши ветувања
за исполнување обврски

да не ја исплашиме тишината
меѓу две грицкања
одиме на прсти

вреви светот надвор,
тивко е во нас

телевизорот гледа
ќе посегнеме ли по него?
ќе побараме ли спас?

часовите се здодеваат
на минутите им додеваат
секундите, веќе зеваат
соседот го буди хоризонтот
со поспан бас

нов ден е надвор
грее и во нас


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


твојата љубов е лакома оса заради која отоци со гордост носам
5:07 PM
0 comments

на ѕидот тапет со соѕвездија од цреши
на ушните ми ресички црешови семки
од кои душникот во дишење ти греши

на секое заминување ја нарамуваш влезната врата
затоа до твоето доаѓање не излегувам -
да не не знам како назад да се вратам

и ѕидовите од собата те следат во сенка
додека не ти ги слушнам чекорите
се плашам да легнам трепка на трепка

брада - шума борови иглички
за губење усни
и чување насмевки

прегратките, велиш, ми се насилни
ако биде, нека е
се умирало од нежности

 


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


нашата љубов е за верување како швајцарски часовник во времекажување
1:58 PM
0 comments

посакувам да напишам книга
која ќе биде како споделување тајна
со стотина непознати

поезија која ќе биде
меѓуинтерпункциско водење љубов,
од броење на воздишките нивни
метричките единици да паднат од умор

описи кои ќе бидат
како шега на мазохистички кловн
во натпревар за пантомимичари

дијалози како судир
на две мобилни цвеќарници

твоето срце е неуморен заведувач на денови
кои се слизнуваат по прозорци
како капки на дожд-љубовник
од кои се опијанувам со месеци
за што не ќе си простам со години.


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


мојата љубов е во надоаѓање како снежна лавина по падините на Алпите
2:36 AM
0 comments

искористените пакетчиња чај
чурат како Младотурци со фесови.

светилката зад главата
ти создава видлива аура
која знам ќе ме штити од настинки.

Со немост го вежбам моето признание:
Јас сум Шеќернолимонова
и сум ранобуден појадувач“.

Веројатно ќе ме прифатат со разбирање.

Но, што по второто излагање:
Чајот со додатоци е тревохулење“?

Ќе фрлаат по мене
со горчливи лимони и мувлосан мед.

Ќе ми мешаат шеќер
во солта за топење снег.

А, да останам тука?

Свари ми какао.

После чајов?

Шолјата од тебе
е комплимент за моите непца.

Со цимет?

Не, палачинки со какао во прав.

Тоа, сега баш?

Да, после јаболкото давено со мед.

А овошна салата?

Ќе проголтам што сакаш
само да останам зад оваа врата.


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


твојата љубов е среќно наоѓање како швајцарско ноже за тегли отворање
9:11 AM
0 comments

бакнежите ти одат добро со утринско шушкање на поспана постелнина
допирите ти паѓаат на товар на Фондот за лекување кашлица

се препорачуваш 3 пати на ден свеж, потпечен или несоблечен
се попрскуваш врз комшиските срамежливи сардели
како парагон на нашата срамежливост за од светот да не` дели

зборовите ти се ненадејни како наоѓање
познати покојници во страната за некролози
постоењето несигурно како скалило
кое води кон паралелен свет на небото

„телото ти е мудрост потешка
од целата светска филозофија“

а јас како просветлен научник
ништо не создавам, само откривам


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“


нашата љубов е уморна од убавина како студенти по 24 часа интензивна поезија
1:44 PM
0 comments

„Ти си premium јаболче“, ми рече,
а јас те погледнав со поглед што пече
„Само еднаш каснато,
во Рајската градина израснато“.

„И таа бемка“, покажа ти,  „не е бемка ами семка
од која ќе израсне не дебела, туку тенка згодна сенка
под која сладок сон ќе фатам јас“.
Не ти е срам да кажуваш такви работи на глас?
ти се чудев и чудев
(јас)

„Не, не грешев. Толку се трудев
да најдам пат до твоето тело,
а таа бемка бил тој тунел
ова време цело.“

„Како капка стопено чоколадо“, продолжи,
„да не те правеле по калап, кажи ми?“

Кој да ти знаел дека на крајот
од таа лекција
за кавалерската поезија
ќе научам дека танцувањето по меки душеци
е како летање со задржан здив
за да се замрзне тој миг,
како насмевка со задршка,
извлекување од облека
со последното копче на пауза,
тивко пропаѓање во длабокиот бунар на вселената,
тонење на суво
во доба глуво

или беше до валканите листови тетратка
меѓу две дланки свежо исечени нокти
кои како ноти на гласните жици ми прават сопки

Ајде, кажи ми ја вистината
пред да и` зајде месечината 
на уште една лекција
за Carpe Diem поезијата.

 


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“