„Ти си Скопје“
1:15 PM
0 comments

Вежба за засакување на Скопје: лекција бр.3
Писмото што не ти го пишувам доволно често



Смрдливо, небањато, со замрсени гранки, случајни зелени пространства како несреќни судари на новиот бел тепих со експерименталниот цеден сок од киви и спанаќ, модринки естетско уредени, болни израстоци уметнички обликувани... сме, сум.

Откога не си тука животот е недостижно пообичен. Патот ми го пресекуваат тркалачки јајца, штотуку изведени или штотуку извадени од врела вода. Секое парче мебел остава свој печат. Кожата ми е хартија, лесно впивлива и подобна на импресии.

Пее водата низ свежо купени капинки. Пластиката набабрува. Чајникот свирка по капките дожд. Го пијам чајот пиромански. Пожар пратен со намера да ги изгори сите денешни зборови. А тие паѓаат од јазикот како покосени. Безживотни лисја есенски партали.

Просторите се стеснуваат. Како осамени мачки се повлекуваат по ќошињата. Се лижат од ќерамиди, оставаат насмевнат мустаќ од кој капе млечна киселина, јогурт што сум убедена го придружува ѓаволот во утринскиот појадок додека загризува во пресно парче пентаграм со четврт пепел.

Не нè недостигај. Не сме цели без тебе. Не сме ни половина. Слушаме музика на една слушалка, миеме една рака, со другата само се забришуваме, се чешламе на една страна, се смееме со една насмевка, дури и кога целото тело нè заболува, тоа е само половично.

Поволни сме. Станавме курви. Се продаваме на секоја периферија од нашето простирање. Пред тоа немавме граници. Бевме октопод со безбројни краци. Сега сме спакувани во кутивче. Картонско. Со поразувачка цена.

Не сме ние тие. Куцкаме низ нашите денови кои на одминување веќе и не нè прашуваат зошто сме се наоблачиле, зошто шетаме со подвиени планини, зошто вардарски се влечеме под мостови... Зошто сме скитниците по нашите улици, зошто питачиме за жители со добра мисла, зошто сме бездомниците кои се покриваме со бескрајно парче исткаено чекање?

Насмевни се. Ќе те дочекаме со тајните на нашите подземни води, проѕирен крвоток во кој се читаат овие, а и оние други писма кои ти ги пишуваме, и оние поинаквите кои сами си ги кажуваме, па оние таквите кои со прашинките ги испраќаме, а и онакви за кои сè уште не се најдени поштенски сандачиња, и такви кои спијат на загубени адреси, тие што се берат со шишарките, искашланите од нашите бели дробови, и оние најчуваните, кои не се осмелуваме ни да ги прошепотиме во ноќите кога ловиме ѕвезди како светулки заплеткани во косите... кои некогаш ги лепиме на прозорците, па цели светнати те очекуваме во прегратките.



 


Гушки, бакнежи и воздишки ти испраќа твоето недостигање,
градот кој се чувствува како тинејџерка
со ненадејни напади на хистерија и промени на температура
поради што е испратена на интензивен камп за повторно себе-заљубување


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“