Историја на бакнежи
11:50 AM

мојот прв бакнеж

ми се стопија усните

половина од моите

останаа на неговите

како црвен печат на восок

а тој, се‘ уште затворено писмо


вториот

ми се сплеткаа образите

се нушнав во неговиот мирис

(јас, еж во есенски лисја)

ми ја чепна плетенката... тој


третиот

заплакав

забите како криви кули се зарија во мене

и ме отпечати

(јас, буква на кршлив лист хартија)



не успеав да му ги видам жилите под кожата

само наслушнував со пулсирачки зеници

како му одмерува срцето

сама си ги зарив забите во половина усна

со половина усна


пројдов низ себе

(јас, тунел без дно)

и излегов на другиот крај


се видов

како тој се смееше

и тресеше бакнежи во воздухот

од под ракавот


...

а патеки се истураа под сенилниот дожд


Tweet

Шеќернолимонова
...јас секогаш во полглас ги изговарам истите зборови: „Јас ве љубам, Надењка!“